Желбата за убав почеток на денот на секој од нас во ова тешко време за живеење, полно со стресови и проблеми беше голем мотив и инспирација да се концептуира и реализира утринското урбано радио шоу “Буди го Петелот“ кое е пародија на секојдневните случувања и опис преку главните ликови во истото за личностите кои ги имаме во нашата близина и околина.
Во него пред се даваме акцент на убавата балканска забавна ретро музика која за многумина од нас значи убави спомени од едно убаво време во кое имаше многу повеќе дружење, забава и во кое многу повеќе се ценеа моралните и човечки вредности на кои се базираше се. Во тоа време бевме технолошки многу послаби, НО сепак не бевме несреќни, напротив имаше многу повеќе лични контакти, дружење и забава. Покрај музиката која е внимателно одбрана во ова шоу на хумористичен и природен начин се сервираат информации кои не се лесно достапни, занимливости, интересни изреки, поуки и досетки кои го прават моментот подобар.
Главните улоги во ова утринско шоу ги имаат “Петелот“ (кој живее по свое, има се, а нема ништо, знае се, а незнае ништо и нормално секогаш се успива) и “Комшиката“ (модерна жена со патријархални сфаќања која по навика е ранобудна и спремна за пиење кафе и оговарање).
Тимот кој стои позади реализацијата и концептот на “Буди го Петелот“ е во состав, музика и техника: Мистер Пентиум и Петелот, уредник и водител: Горан Шојка.
Овој проект кој започна да се емитува на 3 март 2019 година има за цел да Ве насмее, расположи, да го направи Вашиот работен амбиент подобар и да го разубави утрото во домашен амбиент.
Слушајте “Буди го Петелот“ секој работен ден од понеделник до петок од 8 до 10 часот наутро.